Трките беа далеку од досадни и неинтересни во трите класи, во кои жештината и конфигурација на патеката, прописно ги истоштија натреварувачите.

MotoGP 

Слоганот “Кој ќе биде новиот крал на Sahcsenring?” доминираше за време на овој тркачки викенд, па да погледнеме зошто толку ни го “натапананија” со оваа фраза. Ако судиме според тоа кој беше досегашниот крал на ова GP, и што направи во целост во неговата досегашна кариера, дали тогаш можеме да очекуваме дека неговиот наследник на оваа трка, ќе биде и наследник на неговите успеси во целост? Навистина ако споредиме што се направи 9-то кратниот шампион Marc Marquez, кој има 11 победи по ред само на оваа патека во сите класи во кои настапувал досега, и начинот на кој ги реди успесите овогодинешниот победник, тогаш можеме да направиме некоја паралела со новиот крал Fabio Quartararo.

Заедничка нишка кај двајцата возачи е дека во времето во кое настапуваат со своите мотори Honda RC213V и Yamaha YZR-M1, никој друг не успева да направи ништо слично на истите. Таа способност на адаптација на опремата со која настапуваат, во различни услови и на различни патеки, и да вадат максимум од истата, е одллика на исклучителни и големи возачи. Ако порано ги ословуваме Rossi, Stoner, Pedrosa и Lorenzo со терминот вонземјани заради нивната уникатна способност да испорачуваат резултати постојано и во сите услови, тогаш нема причина да не го кажеме истото за овие двајца современи вонземјани.

Дури на крај од трката тоа го изјави и оној од кој се очекуваше слична траекторија во кариерата, Pecco Bagnaia. Италијанот резигнирано призна дека во моментов едноставно не може да му парира на актуелниот шампион кој е “еден од најдобрите возачи на сите времиња”. Последниот пад е веројатно крај на атакот на титулата за оваа сезона за Pecco. Иако се чудеше за причините на падот, кога во првиот свиок при излегување од кривината му избега задниот крај на моторот, додека го бркаше Французинот, сепак не може да се оттргнеме од фактот дека во моментов никој не може да му парира на Fabio, кој покрај брзината ја има онаа психолошка надмоќ во однос на останатите возачи, која му помага да се наметне супериорно во секој дуел. Ако порано можеше да се каже дека Французинот не знае да се избори во дуел и дека ако биде претекнат, заради карактеристиките на M1 и на Michelin, тешко дека може да му врати, сега доминира и на тоа поле. Дуелот со Pecco го докажа тоа. 

Од друга страна фасцинираше изјавата на Fabio пред трката дека добрата форма во која се наоѓа во моментов се должи исклучиво заради промената во неговиот пристап кон фактот што едноставно го нема најбрзиот мотор во моментов, но дека треба да извлече максимум од ситуацијата и да не се надева на подобар пакет до крајот на сезоната!? Замислете, по првите трки кога делуваше прилично исфрустриран од минатогодишните тестирања, на кои јасно се виде дека нема да добие некој видлив напредок во технолошки правец, Fabio решил да не се жали и да вози најдобро што може. Сега лесно е да се добие впечаток дека ова може да звучи како размазено детиште кое плаче без причина затоа што не му се допаѓа играчката која му ја дале неговите родители, но вистината е сосема поинаква. Фактот што Fabio навистина не доби подобар пакет од конкурентите и покрај тоа што лани ја освои титулата, би го фрлил секој возач во апатија или разочарување. Но ете Fabio го процесирал тој момент и решил дека е доста жалење. Зошто тогаш Dovi и Morbideli, со кои го дели иститот мотор, едноставно не одлучат да победуваат? Природниот талент, волјата која ја поседува, како и интелингенцијата да го “проработи” моторот, кој е очигледно најспор на правец, му овозможуваат на Fabio да извади секогаш максимум од ситуацијата. Тука е секако агилноста на моторот и возливоста од друга страна. А како успева да ги заобиколи мааните на пакетот и да вози побрзо од сите, далеку подобро од неговите тимски колеги? Како успева со единствениот мотор со конфигурација од 4 цилиндри во низа, да им парира на сите останати моќни V4-ки? OK, освен Ducati и Aprilia, никој друг досега и не победи во нормални услови, но првите имаат дури 8 мотори на патеката, а вторите имаат само една победа засега! Поранешниот тркач, а сегашен новинар, Mat Oxley тврди дека за разлика од останатите возачи кои своето тело го користат за да балансираат лево и десно за подобра тракција, како и поголема контрола над моторот, Fabio дополнително балансира напред назад за подобро забрзување и сопирање. Сето тоа е надополнето со уште една негова специјалност, сопирањето и помагањето при управување на моторот во свиок со задната сопирачка. Нешто што е карактеристика и на Marquez. Начинот на кој успева сето тоа да го прави успешно е она што му дава предност пред другите. Своевремено и Vinales и Rossi, со кои возеше во Yamaha со својата прва сезона, се чудеа за неговата техника на возење додека ги гледаа бројките на телеметријата. Во неговата прва сезона Fabio успеа да освои 6 пол позиции и дури 7 подиуми?! Нели е ова уште една голема сличност со Marc Marquez и останатите поранешни вонземјани?

Да се вратиме не овој тркачки викенд. Повторно проблеми со опремата за Fabio како и минатата година на истата патека. Тогаш беше проблем патентот на комбинезонот, а сега откажа визирот на заштитната кацига. Овојпат причината е јасна. Додека се подготвуваше за брз круг во FP4, Fabio погледна наназад без да го затвори во целост визирот што беше доволно под притисок на воздухот, да го извади од лежиште истиот и да не може да го затвори повторно. Доби опомена од судиите за овој инцидент и продолжи понатаму. Дополнително, иако немаше некоја официјална информација за неговата здравствена состојба, беше забележливо кашлањето кое го имаше скоро постојано за време на целиот викенд, вклучително и на подиумот на крајот од трката. Значи да резимираме. Французинот доминантно победи на температури на асфалтот од над 50 степени Целзиусови, температури на пневматиците кои за оптимална работа достигаат околу 100 степени, температури на карбонските сопирачки кои работат во опсег од 200-600 степени и за крај температури на издувните гасови кои се движат околу 700 Целзиуси! Моторот е посебен “грејач” кој знае да достигне и температури од 1.800 степени Целзиусови?! И сето тоа со настинка која не му дозволи да вдиши со полн капацитет! Навистина овие луѓе се изградени поинаку од нормалниот свет!

А зад него? По необичниот пад на Pecco, Aleix потклекна под нападите на Zarco и ја држеше веќе вообичаената трета позиција заедно со неговиот тимски колега Vinales на четвртата позиција. Zarco успеа да ја задржи позицијата до крај и уште еднаш заврши подобро од двајцата претенденти за местото на Jack Miller во фабричкиот тим. Австралиецот заврши како трет по long lap казната која ја заработи на тренинзите откако падна под жолто знаме. Тој уште еднаш покажа колку е вреден за шампионатот кога по трката ја анимираше публиката слично на Rossi своевремено. Секако во негов стил, за разлика од Lorenzo кој се обидуваше да го имитира легендарниот Италијан. 

По лапсусот од минатата трка во која Aliex направи превид при пребројувањето на останати кругови за тркање, следеше период на грижа на совест и нервози со непроспани ноќи. Постапокалипсата се читаше од лицето на Espargaro и овој викенд, во кој вообичаено насмеаниот Шпанец, не покажа насмевка ниту еднаш во текот на преносот.

espargaro de

И кога се чинеше дека можеби трката ќе му донесе насмевка, според неговата изјава, уште по загревачкиот круг дознал дека трката ќе биде потешка од очекуваното. Имено по промена на предниот пневматик пред почетокот на загревачкиот круг, забележал вибрации кои асоцираат на фалична гума. И ова не е првпат возачите да се пожалат на различно однесување на ист тип на пневматик. Истото го изјави Miller за задната гума во Барселона. Дури и темпото со кое возеше, Aleix го спореди со нивото на Moto2 трката.

Како и да е, и неговиот колега Vinales имаше технички проблем, па наместо да го постигне најдобриот резултат во сезоната мораше да се повлече од трка заради shapeshifter на задното тркало кој беше заглавен во долна позиција. Имаме решение за нивниот проблем. Забранете ги овие таканаречени помагала! 

Без разлика на тоа, Maverick конечно имаше причина за радост заради високото темпо во трка, овојпат и со полн резервоар. Нешто што досега му беше голем проблем.

Зад Espargaro, како петти, заврши Luca Marini како потврда за неговата добра форма во последните неколку трки. Пишувавме често за неговото “касније палење”. Не дека се работи за полубрат на легендата Rossi па мораме да го пофалиме, туку напротив неговата досегашна кариера индицираше ваков развој на настаните. И во неговата кариера во Moto2 постоеше период на студиозно посветување на деталите пред да “запали” и да почне да постигнува разултати. Тука е и новиот Ducati GP22 кој беше проблем за скоро сите возачи и бараше повеќе време за прилагодување од почетокот на сезоната. Нема да го фалиме повеќе затоа што ќе видиме како ќе се движи неговата форма понатаму. 

Jorge Martin заврши како шести што е солидно ако се земе предвид дека е сеуште рековалесцент по операцијата за ослободување на нервот во неговата десна рака. Сега доаѓаме на седмата позиција на која заврши Brad Binder што само по себе не е некој неверојатен успех, но мора да се гледа низ призмата на лошата форма во која се наоѓа австрискиот произведувач KTM. Brad Binder покажува неверојатна форма во трка и доколку му дозволува пакетот би можел да биде сериозен конкурент за титула. Еве и зошто. Во последните трки неговата прогресија од пол позиција до краен резултат изгледа вака: 

Од 15-то до 10-то место, 

од 18-то до 8-мо место,

од 16-то до 7-мо место, 

од 15-то до 8-мо место и 

од 15-то до 7-мо место на последната трка во Германија! 

Да не заборавиме дека на ниту една од овие трки, ниту еден возач кој настапува со австрискиот мотор, не стартувал од првите 4 стартни реда!

Fabio Di Giannantonio е следен со уште еден солиден резултат со што потврдува дека влезе во добар ритам. Младите дебитантни возат многу зрело оваа сезона.

Miguel Oliveira се помачи за да остане на 9-тата позиција, иако беше добар на тренинзите.

Enea Bastianini продолжи со јојо формата, што оди против негова корист, особено ако се земе фактот што во периодов се решаваат договорите за следната сезона.

Marco Bezzecchi заврши на 11-тата позиција и донесе дополнителни бодови на својот тим VR46, пред Raul Fernandez кој конечно заврши подобар од неговиот тимски колега Remy Gardner на 15-тата позиција. Како 13-ти и 14-ти се пласираа (или подобро кажано ја завршија трката) Италијаните Morbidelli и Dovizioso за уште една трка за заборав. Последен заврши Stefan Bradl со голем заостаток и со изгореници по нозете. Дури отиде и до таму што изјави дека не му е јасно како може компанија како Honda да не успее да произведе оклоп на моторот кој ќе може да ја насочи топлината надвор од возачот?! Катастрофата на Honda ја дополни и Pol Espargaro кој по ужасниот highside во FP1 се обиде да вози со напукнати ребра, но на 8 круга пред крај болката беше неподнослива, дополнително неовозможувајќи му на Шпанецот да вдиши длабоко на целата жештина. Уште една очајна трка. Истото може да се каже и за Takaaki кој ја заврши трката по уште еден непријатен пад уште во првите кругови, а најлошиот викенд на Honda го заокружи Alex Marquez со откажување заради дефект. Honda 0 бодови. По досегашниот одличен низ на завршени трки, Darryn Binder ја заврши оваа со lowside. Joan Mir продолжи да завршува трки предвреме со уште еден пад. Или се обидува премногу, или концентрацијата веќе не е на највисоко ниво. Тотално некарактеристично за него. Се надеваме дека по очекуваната објава за ангажман во Honda, работите ќе се вратат во нормала.

bradl insta

И како да не беше доволна трката која наликуваше на воено боиште, караванот се сели за Холандија и патеката Assen која ќе биде домаќин за следниов викенд. Нема одмор за овие момци!

Moto2

Ако во MotoGP, предноста на Fabio пред Zarco беше над 5,5 секунди пред да попушти помладиот Французин во последниот круг и да се намали разликата на конечните 4.9 секунди, тогаш за доминацијата на победата на Augusto Fernandez доволно говори конечната предност од 7,5 секунди пред вториот Pedro Acosta. Начинот на кој победикот ги нижеше своите противници како на replay видеа, постојано во третиот свиок, е навистина феномен. Неверојатно. Ако не сте ја погледнале трката, најдете реприза и уживајте. Зад него заврши помладиот колега кој војуваше скоро цела трка со Sam Lowes кој на крајот мораше да се задоволи со третата позиција. Можеби е време возрасниот Британец да се збогува со оваа класа, која на крајот на краиштата треба да се толкува како преодна класа за успешните млади возачи кон кралската класа. Lowes веќе возеше во MotoGP, додуша во време кога Aprilia ги менуваше возачите како чорапи, а немаа ни конкурентен мотор, потоа се врати во средната класа и се бореше за титулата, но не ја освои иако беше ногу блиску до тоа. Сега што понатаму? Истото важи и за домашниот возач Marcel Schrotter кој како да се поздравуваше со домашната публика по освоеното 4-то место. Негово најдобро со години. Лидерот во пласманот Vietti немаше добра трка и постојано паѓаше во поредокот, за на крај и буквално да падне. Aron Canet делуваше морбидно пробувајќи да го сопре крварењето во носот откако имаше тежок пад на тренинзите. Ова е надополнето со сообраќајната незгода во која по удар во глaвата и носот, имал потрес на мозокот, на само неколку дена пред трката…. 

Moto3

На крајот, или на почетокот, доминацијата во сите класи ја пополни и Izan Guevara кој успеа да им избега на останатите и да изгради предност од скоро 5 секунди, доволна за уште една победа. Sergio Garcia има сериозен конкурент во сопствената гаража. Слатки маки за сопственикот на тимот, Aspar. Меѓу двајцата Шпанци се вметна Италијанот Foggia кој конечно заврши трка и излезе како победник во дуелот со минатогодишниот конкурент за освојување на титулата, Garcia. Можно е да им се повтори истото сценарио и наместо некој од тие двајца да победи некој трет, во случајов Guevara. Минатата сезона тоа беше феноменот Acosta. За издвојување е и темпото на Турчинот Oncu кој по минималното, скоро милиметарско излегување од патеката мораше да стартува од 27-мото место, па по стартот во кој имаше милиметарски престап, да помине два пати по казна низ проширувањето на патеката т.н. long lap, и на крајот сепак да заврши како 7-ми!? Којзнае што би направил младиот Can ако успее да си ги среди сите овие мали неправилности и да се фокусира на резултатот? 

Ќе дознаеме веќе за некој ден кога започнуваат активностите на патеката позната како Катедрала на брзината!

Back To Top