Австралиското ГП во MotoGP се соочува со неизвесна иднина, откако плановите за преселба од „Филип Ајленд“ на нова улична патека во Аделаида до 2027 година наидоа на сериозни правни, еколошки и политички пречки. Проектот, чија вредност се проценува на околу 88,3 милиони евра, моментално е предмет на разгледување од Федералниот суд по поднесеното барање за стопирање на изградбата.
Градските власти на Аделаида поднесоа осум официјални приговори до федералната влада, предупредувајќи на сериозни последици, вклучително и отстранување на 377 дрвја, загуба од околу 165.600 евра од паркинг и попречување на јавни проекти во вредност од околу 1,6 милиони евра. И покрај притисокот, владата на Јужна Австралија најави дека енергично ќе го брани проектот пред судот.
Намерите за промена на локацијата се појавија пред десет месеци, откако сопствениците на „Филип Ајленд“, компанијата Linfox Property Group, не инвестираа доволно во инфраструктурата, како што се боксовите, медиумскиот центар и санитарните јазли. Актуелниот договор за одржување на трката на „Филип Ајленд“, потпишан во 2016 година, истекува во 2026 година. Овој договор, склучен од тогашниот директор на Dorna Sports, Хавиер Алонсо, се смета за невообичаено долг, бидејќи вообичаените договори со промоторите траат од три до пет години.
Односите меѓу менаџментот на Dorna и австралиската корпорација (AGPC) се влошија поради постојаните финансиски загуби кои ги покриваат даночните обврзници во Викторија. Покрај тоа, посетеноста опадна по повлекувањето на Кејси Стонер, а неповолните временски услови во октомври дополнително ја отежнуваат организацијата. Минатата година, на „Филип Ајленд“ беа забележани 37.191 гледач во неделата, со вкупно 91.245 посетители за трите дена.
Планот за улична патека во Аделаида, која би го користела поранешниот F1 правец, предвидува деби на 14 ноември 2027 година. Сепак, правната постапка иницирана од Џошуа Хоган на 18 септември 2026 година ги посочува безбедноста на возачите, недостигот на консултации со домородното население и еколошките прекршоци како клучни проблеми. Судијката Ерин Лонгботом веќе одржа почетно сослушување, но досега не е издадена забрана за изградба, која треба да започне кон крајот на ноември 2026 година.
Последната трка на „Филип Ајленд“ е закажана за 25 октомври 2026 година, со што би завршила ерата на оваа патека која беше домаќин на MotoGP од 1997 година, со исклучок на периодот на пандемијата во 2020 и 2021 година.

Коментари