(Време на читање: 2 - 4 минути)


...Си биле еднаш, едни брадести момци, со кожни јакни, тетоважи и брзи мотори, кои општеството не секогаш ги прифаќало со отворени раце (да, да, баш она општество кое во секоја втора реченица го користи зборот „инклузија“). И баш поради тоа што овие момци не се појавуваат како принцови на бели коњи, туку се карактеризираат со „бунтовнички“ стил на живот, околината брзо си донесува генерализиран „суд“. За многумина, тие се само „опасни момци“ кои го нарушуваат мирот, но, зад таа груба надворешност и специфична естетика, се крие една од најорганизираните, најсолидарните и најхуманите заедници во нашето општество.

Живееме во време кога емпатијата станува сè поретка валута. Светот како да се затвори зад сопствените екрани, луѓето стануваат сè побездушни за болката на другиот, а хуманитарните апели често минуваат покрај нас како уште една вест со која немаме време да се занимаваме. Донирањето и вистинската помош станаа исклучок, а не правило.

671708930 18048618116773109 5601245102685424695 nКолумна на Ивица Пренџов – претседател на мото клуб „Носачи на крстот“ - Велес

Меѓутоа, токму кога се чини дека човечноста полека исчезнува, од улиците одекнува звукот на мотори кои не носат само брзина, туку и НАДЕЖ.

Додека многумина со затворени очи минуваат покрај маките на ближните, мото-клубовите се оние кои први реагираат. Кога за некој болен сограѓанин се потребни итни средства за лекување, моторџиите не филозофираат — тие организираат хуманитарни дефилеа, собири и концерти, собирајќи ги потребните средства со искрена посветеност. Нивниот одзив не е декларативен, туку конкретен и брз.

Нивниот придонес не застанува тука ...

Редовните крводарителски акции се заштитен знак на речиси секој мото-клуб. Тие не штедат ниту време, ниту сопствена крв за да спасат нечиј живот, најчесто без никаква потреба од јавна промоција или аплауз. Покрај тоа, свесни за опасностите на патот, моторџиите постојано организираат едукативни кампањи за безбедност во сообраќајот, апелирајќи за меѓусебно почитување, носење заштитна опрема и зачувување на животите на сите учесници.

Иронијата е очигледна: оние кои најчесто се осудувани и погрешно разбрани од општеството, со своите дела даваат најголема лекција по хуманост. Да се разбереме (за сите оние што не се упатени) – „Мото-културата“ не е само страст кон машините и слободата на отворениот пат, „Мото-културата“ е непишан кодекс на честа, каде што никој не се остава зад себе и каде што солидарноста е начин на живот, а не еднократен чин.

И сега доаѓаме до најболниот момент и поентата на муабетов погоре...

- Добро бе другари, и покрај се што правиме, не не сакате, во ред, не барам да не сакате, ама каде ви е човечноста, каде ви е емпатијата, каде ги изгубивте најголемите вредности што една индивидуа ја прават „ЧОВЕК“?!

-Ем не организирате никаков хуманитарен настан, повик...било какво случување, па не се ни појавувате кога друг организира!

Не ве допира ни една болка, ниедно страдање... се додека не ве засегне лично Вас!

-Дење – ноќе сте по кафичи, пабови, барови, кафеани, да оговарате и да бидете оговарани – но, да се издвои дел од буџетот, да се откажете од кафето и пивото денес за да помогнете на некој кому тоа му е неопходно?! – Чувај Боже! Тоа не е интересно, вие од тоа немате никаков бенефит, затоа што солидарноста е веќе нешто што дури и како збор го заборави нашиот народ.

Секоја чест и поклон до земја на сите наши поддржувачи, на оние малкумина што останаа да бидат светла точка на крајот од тунелот, што се тука секогаш кога е потребно, што не се откажуваат само од кафето и пивото, туку и од новите патики, фармерки или јакна, бидејќи ЗНААТ да ги препознаат и издвојат приоритетите и да го почувствуваат благословот од некој кому токму „нивното малку“ нему живот му значи.

Епа баш заради нив и сите оние кои имаат потреба од било каква помош, тие „брадестите лоши момци“ кои ги спомнав погоре, ќе продолжат и во иднина со активности како и до сега и тоа со уште поголема организација и мотив, затоа што на овој народ итно му е потребно БУДЕЊЕ на човечноста и вистинските вредности што некако попатно се изгубија.

Епа драги мои, размислете, можеби е време да го промените аголот од кој гледате на овие луѓе, па кога следниот пат ќе слушнете грмеж на мотор на улица, не брзајте со осуда. Зад таа кацига и кожена јакна многу често стои човек кој неодамна дарувал крв, собрал помош за болно дете или ја испружил раката тогаш кога сите други свртеле глава.

Во свет во кој сè помалку има луѓе, моторџиите ни покажуваат што воопшто значи да се биде ЧОВЕК.

Ивица Пренџов
Претседател на мото клуб „Носачи на крстот“ - Велес

Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: